Последните истражувања покажуваат дека повеќе од педесетина болести се поврзани со интолеранција на глутен, која претставува проблем на кој речиси никој не е имун [1].
Глутенот е протеин составен од две фракции, глутенин и глијадин и нивна основна карактеристика е тоа што при правење на леб, т.е. при нивен контакт со вода, тие дејствуваат како „лепак“ во тестото и овозможуваат поврзување и добивање компактна структура.
Глутенските протеини сами по себе не се штетни и здравата популација нема основана причина за нивно избегнување, но лицата кои имаат интолеранција на глутен, целијачна болест или алергија на пченица треба да го ограничат внесувањето или целосно да го отстранат глутенот од исхраната, кој се наоѓа во житата како: пченица, ‘рж, јачмен, но покрај во житата истиот можете да го сретнете и во поголемиот дел производи како што се: тестенини, сосови и додатоци во исхраната.
Интолеранцијата на оваа материја претставува неможност на варење на глутенот. Статистиките во светот покажуваат дека повеќе од 15% од популацијата е интолерантна на глутен [2].
Дали и вие спаѓате во таа група? Во голем број случаи индивидуите не се свесни дека имаат проблем со толеранција на глутен [3, 4].
Нашето тело има неколку начини на кои може да алармира и да нѐ предупреди дека нешто не е во ред. Во врска со глутенот, неколку од симптомите се слични со други болести. Токму поради тоа, клучно во дијагностицирањето на состојбата е да се внимава на симптомите.
Подолу може да погледнете некои од честите симптоми на сензитивност на глутен.
Дигестивни проблеми
Повеќето од дигестивните проблеми поврзани со глутенот се од една иста причина [5].
Нашето тело, конкретно нашиот дигестивен систем, не може комплетно да го свари и да го процесира глутенот [6].
Овие проблеми се најчести кај децата кои консумираат глутен. Под дигестивни проблеми се подразбираат гасови, подуеност, а во некои случаи и запек и дијареја.
Премореност
Бидејќи не може комплетно да го процесира и да го свари глутенот, нашето тело се измачува. Нашиот дигестивен систем мора да работи повеќе, а сето тоа влијае на нивото на енергија. Резултатот е премореност. Треба да се има предвид дека премореноста е чест симптом на многу болести (недостаток од железо, проблеми со тироидната жлезда, дијабетес, депресија и недостаток од други витамини и минерали) [7].
Сепак, доколку премореноста е проследена со други симптоми на сензитивност на глутен, се добива јасна слика за изворот [8].
Проблемите со концентрација и замореност се најистакнати по консумирање оброк кој содржи глутен.
Чести промени на расположението
Женската популација често запаѓа во заблуда дека промените во расположението се поврзани со менструалниот циклус [9].
Токму поради тоа сензитивноста на глутен тешко се дијагностицира. За разлика од ПМС и од други хормонални проблеми, промените во расположението брзо се средуваат кога ќе се префрлите на диета без глутен.
Воспаление на мускулите
Како и со повеќето други симптоми, воспалението на мускулите може да се јави од повеќе причини [10].
Сепак, сензитивноста на глутен се манифестира во локализирани делови од телото. Доколку причинителот на воспалението е глутен, мускулите на прстите, колковите и колениците ќе бидат погодени.
Мигрени и главоболки
Во голем број случаи причина за главоболка е недостаток од минерали, витамини и други хранливи материи. Во случајот со сензитивност и толеранција на глутен, спротивното е причина [11].
Вашето тело има проблеми да се справи со протеинот кој го препознава како еден вид отров. Пациентите кои имаат проблеми со главоболки нема да најдат спас во медикаменти. Избегнувањето на глутенот и почнувањето диета која не содржи глутен за кратко време ќе го реши проблемот со главоболката.
Хормонски нарушувања
Женската популација често е сведок на менструален циклус кој е или прерано или подоцна од регуларниот циклус. Стресот е една од причините за ваквото нарушување на хормоните [12].
Најчесто и го обвинуваме стресот. Поради тоа, остануваме слепи за еден друг причинител, а тоа е глутенот.
Кокошкина кожа
Народски кажано, кокошкина кожа е црвено исипување на кожата [13].
Се појавува како резултат на недостаток од масни киселини и витамин А. Проблемот настанува како директен резултат на лоша апсорпција во цревата. Вие можете и да консумирате доволно масни киселини, но вашиот дигестивен систем не може да ги апсорбира поради глутенот.
Автоимуни заболувања
Глутенот како состојка е директен причинител и симптом за многу посериозни заболувања [14].
Тие вклучуваат Хашимото (Хашимотов тироидитис), ревматски артритис, лупус, псоријаза, па дури и мултиплекс склероза [15, 16] .
Вртоглавица
Во многу случаи премореноста е проследена со чувство на вртоглавица и зашеметеност. Исто како и премореноста, вртоглавицата може да биде симптом за други болести. Треба да се биде внимателен и да не се избрзува, но во секој случај да се провери и да се тестира.
Хроничен замор
Кога вашиот доктор не може да ги прецизира причините за заморот и за болката, добивате дијагноза за „фибромијалгија“. Ова мистериозно заболување тешко се дијагностицира поради сличноста на симптомите со други болести [17].
Вие чувствувате болки низ целото тело и хроничен замор, но не можете да откриете зошто.
Како да се тестирате
Добрата вест е дека тестирањето за глутен е лесно изводливо. Иако има неколку лабораториски испитувања кои можат да покажат интолеранција и сензитивност, најчесто таканаречената елиминациска диета е најдоброто решение. Лабораториските испитувања бараат да бидете на храна која содржи глутен, и се точни во над 95% од случаите.
Од друга страна, елиминациската диета подразбира да ја исфрлите храната која содржи глутен од вашата редовна исхрана. Потребно е повеќе време, но резултатите се далеку посигурни. По неколку недели повторно полека почнувате да враќате одредени состојки во вашата исхрана, и така ќе се видат резултатите и дали ќе се појават одредени симптоми. Сепак треба да се има на ум дека глутенот е протеин кој е присутен во многу состојки и е потребно време да се исчисти од вашиот организам, за потоа да може да се тестира.
Во секој случај, самите ќе бидете свесни и лесно ќе ги препознаете симптомите. Доколку се чувствувате значително подобро откако ќе го исфрлите глутенот, а потоа повторно имате проблеми кога го консумирате, причинителот на симптомите е повеќе од јасен.
Извори:
- https://en.wikipedia.org/wiki/Gluten-related_disorders#Autoimmune_disorders
- https://glutenintoleranceschool.com/gluten-intolerance-statistics/
- https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/25583468
- https://www.npd.com/wps/portal/npd/us/news/press-releases/percentage-of-us-adults-trying-to-cut-down-or-avoid-gluten-in-their-diets-reaches-new-high-in-2013-reports-npd/
- https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/26522233
- https://www.forbes.com/sites/quora/2017/03/03/is-it-true-that-humans-cant-properly-metabolize-gluten/#7ea35e375cd8
- https://www.mayoclinic.org/symptoms/fatigue/basics/causes/sym-20050894
- https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/19935081
- https://www.psychologytoday.com/blog/the-breakthrough-depression-solution/201105/is-gluten-making-you-depressed
- https://www.arthritis-health.com/types/general/how-gluten-can-cause-joint-pain
- https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC3641836/
- https://journal.thriveglobal.com/how-gluten-affects-digestion-and-hormone-balance-for-women-over-40-5a4cecc3ac61
- https://www.huffingtonpost.com/maura-henninger-nd/gluten-and-acne_b_2601648.html
- https://valleythyroidinstitute.com/gluten-is-the-first-thing-to-go-with-hashimotos-hypothyroidism-diagnosis/
- https://www.thyroid.org/patient-thyroid-information/ct-for-patients/vol-5-issue-6/vol-5-issue-6-p-3-4/
- http://ard.bmj.com/content/63/11/1501
- https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC3835396/